Европската унија ги „охрабрува“ повеќе од десетте илјади бегалци што се заглавени на македонско-грчката граница кај нелегалниот камп Идомени да ги следат советите на грчките власти и да заминат во некој од организираните кампови во јужниот сосед на Република Македонија, јави дописникот на МИА од Брисел. Ова денеска го изјави портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, одговарајќи на прашањето „што прави ЕУ да ги спречи насилните обиди на бегалците од Грција да прмеинат на македонска територија?“.
– За живеечките услови на теренот, свесни сте од нашите напори на европскиот фонд за итен одговор, од кој неодамна дадовме 83 милиони евра и комесарот Стилијанидис потпишува договори со невладините организации да се ослеснат условите за живеење на бегалците што страдаат во Грција. Ние активно ги охрабруваме луѓето таму да ги следат советите од грчките власти да се движат кон организираните кампови за прием и се надеваме дека ситуацијата ќе се нормализира во овој многу, многу тежок контекст. И ова во многу тежок контекст – истакна Схинас.
Според гласноговрникот на ЕК, Унијата гледа на Идомени „како на последно поглавје од тажна приказна која не сакаме да гледаме да се повтори“. Тој посочи дека луѓето таму се борат на грчка територија, како резултат на настаните што се случуваат насекаде.
– Ова не е наш начин за менаџирање и справување со бегалската криза и ние преферираме поорганизирана, транспареннта, демократски и легален систем за менаџирање на мигрантскиот наплив. Ние сега сме во процес за целосна имплементација на сеопфатниот договор на ЕУ со Турција кој сакаме да биде успешен, бидејќи чинењето од неуспех ќе биде многу Идомени – заклучи портпаролот Схинас.