На Интернет лесно ќе најдете прераскажани лектири или подготвени писмени работи за книжевните дела, но познавањето на содржината на некои книги е само дел од она што детето треба да го научи.
Кога некој писател создава книжевно дело, тој всушност осмислува повеќе различни ликови, кои ги доведува во меѓусебна врска според замислениот тек на дејството.
Тој не ги претставува ликовите само преку нивниот изгледа, преку тоа што зборуваат и како се однесуваат, туку не воведува во нивниот внатрешен, емотивен свет, покажувајќи ни ги случувањата во нивните души.
Читајќи за некој лик, ги откриваме неговите внатрешни пориви и желби, скриени емоции, интимни размислувања, тајни планови за остварување на личните цели. Секој од тие ликови има некоја своја психологија, внатрешна логика. Секој од нив би можел да биде литературно претставување на некој човек од реалноста.
Читањето поттикнува бројни ментални функции, пред се замислување. Кога читаме некое литературно дело, зборовите и речениците во нашата свесност ги претвораме во соодветни ментални слики, претстави.
Задоволството од читањето е во таа интеракција меѓу текстот на писателот и поттикнување на нашите ментални претстави. Некогаш тој интерактивен процес се нарекува кооперативна имагинација.
За разлика од читателите на книгите, кај кои прочитаното поттикнува одреден тек на ментални претстави, менталниот процес на гледачите на филмот или телевизијата се многу попасивни. Гледачот со сите сетила ги впива своите однапред зададени стимуланси.
Кај гледањето филм кооперативната имагинација е минимална, ставена на ниво на брзите асоцијации и несвесна реакција на гледачите.
Им недостига размислувањето, внатрешниот говор, интимната дилема и внатрешната борба на дадениот лик. Затоа читањето е многу важно за развивање и разбирање на доживувањето на другите луѓе, емпатијата.
Младиот читач, детето или младата личност, кои се уште немаат доволно лично животно искуство, преку прочитаното учат за луѓето, за нивната внатрешна психологија.
Тие учат дека луѓето се разликуваат и од нив самите и меѓусебно и како подобро да се снајдат меѓу луѓето, доколку ги разберат тие личности.
Затоа може со сигурност да се каже дека читањето на литературата е мошне важно за развивање емоционална и социјална писменост на младите луѓе.