На ракометарите на Вардар им претстои најважниот натпревар досега оваа сезона, првиот четвртфинален дуел од Лигата на шампионите со Веспрем. „Црвено-црните“ ќе се обидат да обезбедат предност со помош на своите навивачи и на реваншот во Унгарија да го направат последниот чекор кон завршниот турнир.
Унгарскиот првак, кој е актуелен европски вицешампион во четвртфиналната пресметка, влегува како фаворит, но вардарци во финалето од СЕХА лигата покажаа дека имаат квалитет рамноправно да се „носат“ со големиот противник.
Пивотот Стојанче Стоилов очекува со помошта од трибините да се направи добар резултат.
– Веспрем е последната пречка до тој „Ф4“ што го чекаме во последниве години. Неколку пати игравме сезонава и мислам дека добро ги познаваме, но и тие нас. Им ја препуштам фаворитската улога на нив, ќе биде многу тешко. Тие се искусни, но ние играме дома, пред нашата публика, тоа е нашата предност која може да ни помогне да победиме, изјави Стоилов.
Натпреварот се игра попладне во СЦ „Јане Сандански“ со почеток од 16 часот. Три часа порано (13 часот) на платото пред спортскиоот центар ќе биде поставена Фан-зона каде ќе биде организарана забава за присутните, селфи-зона за фотографирање, продажба на навивачки реквизити и на храна и пијалоци по пристапни цени.