Традиционално, на пригодна свеченост денеска во Скопје беа доделени наградите „13 Ноември“ што секоја година ги доделува Сојузот на спортови на град Скопје, по повод Денот на ослободувањето на градот 13 Ноември.
До сега 13-ноемвриската плакета од 1970 година ја имаат добиено преку 500 спортисти и спортски работници кои оставиле белег во спортот.
Оваа година плакета доби и министерката за внатрешни работи на Република Македонија Гордана Јанкулоска во категоријата „општественик“ како благодарност за одличното обезбедување од страна на македонската полиција на сите спортски натпреварувања во државата кои се со домашен или меѓународен карактер.
Професорот Дејан Димитријевиќ од ОУ „Гоце Делчев“ од Илинден од основните училишта, како и Томислав Христов од ДСУ „Владо Тасевски“од Скопје од средните училишта беа добитници на плакетите наменети за професорите.
Назми Али, тренер на боречкиот клуб „Тефејуз“ од Скопје, доби награда за најуспешен тренер на младински селекции.
Македонскиот ракометен репрезентативец и член на Металург, Ванчо Димовски е добитник на наградата „13 Ноември“ за најуспешен спортист. Димовски е шампион со својот клуб, освојувач на петтото место со репрезентацијата на ЕП во Србија и учесник со Металург во Лигата на шампионите.
Клубот Металург е најуспешен клуб во град Скопје за минатата година, со пласманот во осмина-финалето на ЛШ, шампионската титула во домашното првенство и финалето на СЕХА лигата.
Три плакети беа доделени во категоријата за спортски работници. Награди добија проф. д-р Бранко Крстевски од Факултетот за физичка култура, Ленин Јовановски претседателот на Мотоциклистичката федерација на Македонија и Михајло Михајловски, претседател на Ракометната федерација.
Награди за животно дело им беа врачени на Тоде Георгиевски, поранешниот голман на Вардар и новинарите Миодраг Мицковиќ и Зоран Михајлов.
На денешната свечена церемонија беа присутни и дел од составот на женскиот ракометен клуб Кометал Ѓорче Петров, кој пред 10 години ја освои титулата Шампион на Европа.