Интензивно течат активностите за реализација на конзервацијата на еден од најзначајните споменици на средновековната уметност во Република Македонија, црквата „Св. Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново, соопшти Министерството за култура.
Проектот е во Програмата на Владата и на Министерството за култура. Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола изминатиот период интензивно работеа на овој проект, чија реализација се одвива во неколку последователни фази.
Почнувајќи од 2013 година, како што се наведува, беа извршени конзерваторски истражувања со кои беа опсервирани состојбите на архитектурата, сликарството и покривната конструкција на црквата која уште од 1952 година е прогласена за споменик на културата. Изработена е анализа на актуелните аномалии и на статичката стабилност на градбата и почвата под неа, што беше остварено во соработка со Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
– Поставен е и привремен покрив над објектот за да може непречено да се одвива конзервацијата на архитектурата и на живописот во црквата кој, според своите стилско-ликовни карактеристики, е пример за највисоките дострели во доменот на монументалното сликарство во источнохристијанската уметност. Во рамки на активностите, се појави и потреба од интервентни археолошки истражувања со кои се утврдени длабината и состојбата на темелите од различните страни на црквата, се вели во соопштението на Министерството за култура.
Оваа година се доработува проектот за конзервација на архитектурата на црквата и нејзино конструктивно зајакнување, по што паралелно ќе се работи на конзервацијата на архитектурата и фрескоживописот.
Сите активности за целосна конзервација на внатрешноста и надворешноста на оваа исклучително значајна црква се предвидува да бидат финализирани до крајот на годинава.