Спасувачките екипи продолжуваат со потрага по преживеани лица во јапонското село Минами-Асо, во кое имало лизгање на земјиштето, како последица од земјотресите кои ја погодија Јапонија последниве денови.
Во двата силни земјотреса во четвртокот и петокот на островот Кјушу, по кои следеа и стотици вторични потреси, загинаа 42 лица, а над 1.100 се повредени, од кои 208 се во тешка здравствена состојба.
Според локалните власти во Минами-Асо, девет луѓе се водат како исчезнати.
Јапонскиот премиер Шинѕо Абе увери дека спасувачките екипи не се откажуваат во потрагата по преживеани.
– Се уште има луѓе кои се водат како исчезнати и ќе направиме се што е можно да се пронајдат преживеани, нагласи премиерот.
Над 110.000 лица биле евакуирани во префектурата Кумамато. Околу 25.000 војници, пожарникари, лекари и други спасувачи се ангажирани во реонот, каде десетици села се уништени.