Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска оцени дека со изјаснувањето на Државната изборна комисија (ДИК) оти има услови за предвремени парламентарни избори на 5 јуни, земјата оди напред и се наближува почетокот на крајот на агонијата што ја направи СДСМ во овој период.
– Тоа е одлична вест. Одлична вест е прво што претседателот на Парламентот, Трајко Вељаноски ги распиша изборите на 5 јуни и на тој начин земјата оди напред, на тој начин се наближува почетокот на крајот на оваа агонија која што ни ја направи СДСМ во овој период. Одлична вест е и што ДИК најде сили да го каже тоа што е вистина, тоа што практично сите го очекувавме дека услови за фер, слободни и демократски избори постојат, рече Груевски во интервју за ТВ Канал 5.
За тоа што претседателот на ДИК Александар Чичаковски не учествуваше во гласањето, тој вели дека веројатно е нечија замисла за по изборите да се има причина да се стави некоја флека на целиот изборен процес. Тоа, додаде Груевски, не е новина бидејќи и тоа порано го правела СДСМ кога слично направил (Александар) Новаковски, како претседател на ДИК.
– Со исклучок на СДСМ и на претседателот на ДИК сите останати членови од сите други партии и плус двајцата независни членови на ДИК гласаа и едногласно кажаа дека услови за организирање на 5 јуни има и постојат, рече Груевски.
На ДИК, посочи тој, во минатото му требаше многу пократко време да ги подготви изборите, „а не толку многу како што сега бараа, а добро знаеме зошто бараа и кој тоа го бараше зад нив“. СДСМ, според Груевски, навела една перцепција дека како ќе каже ДИК така ќе биде. – ДИК се изјасни, кажа дека постојат услови за фер, слободни и демократски изобри организирани на 5 јуни оваа година, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Изборите, како што кажа Груевски, се закажани уште пред една година откако СДСМ започна со објавување на креираните материјали за кои Зоран Заев кажа дека му ги дале странски разузнавачки служби.
– Откако ја дестабилизира државата тој побара избори. Ние се согласивме и во разговор со него и со претставниците од меѓународната заедница заеднички се договоривме тоа да биде 24 април оваа година. Меѓутоа како времето се наближуаше така Заев се повеќе сфаќаше дека ја нема поддршката од граѓаните што ја очекува. Тој мислеше дека со тие фабрикувани материјали ќе го измами мнозинството од народот да го привлече вниманието кон себе односно поддршката кон себе. Луѓето, како што одминуваше времето, сфаќаа дека се дел од една голема игра во која Заев е само инструмент кој сака да постигне одредена лична цел, но дека играта е многу поголема, рече Груевски.
Сите истражувања на јавното мислење, додаде тој, покажаа дека работите не одат во правец во кој Заев, а веројатно и неговиот позадински поддржувач, очекуваа.
– Поддржани од многу други фактори некако се издејствува одлагање, а и ние не сакавме сами да одиме на избори во тој период. Постигнавме цврст договор дека тоа повторно нема да се случи, дека ова одлагање од 24 април за 5 јуни ќе биде едно и единствено. И токму заради тоа сега само СДСМ е таа со своите помали сателити партии што не сака да се појави на следните избори, потенцира Груевски.