По ненадејната смрт на големит европски режисер, денеска на сцената на МНТ, Ансаммблт на МНТ се простува од него.
Томаж Пандур (53 години, Марибор, Словенија), светски реноминираниот театарски режисер,почина денес додека ја подготвуваше новата претстава „Крал Лир“ во Македонски народен театар – Скопје.
Пробата започна во 10 часот, а веќе во 11.30 часот, срцето на Томаж Пандур престана да чука. Замина онака како што живееше, опкружен со своите актери и најблиски соработници во Македонски народен театар.
Бевме бескрајно срекни што неговата креативност ќе заблеска на сцената на Македонски народен театар, а таа срека ја замени длабоката тага што остана недоискажан на неговата последна станица.
Во релативно кусата творечка соработка со Македонскиот народен театар на актерите од предвидениот Крал Лир,Томаж Пандур им остави пример за чист пристап, истрајност и изразена виртуозност. Неговото ненадејно заминување претставува прекин на очекуваната безвременска магија на Томаж Пандур, но и многу прашања за способностите и решенијата кои би ги остварил имајќи ги во предвид неговата комплексност, човечност и аспирации.
Томаж Пандур во средношколските денови ја формира својата театарска група Тесписов воз – Нов словенечки театар. Дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија, во Љубљана, Словенија. Во последните десетина години Пандур активно соработуваше со различни театари. По успешната кариера во Словеија и на некогашниот ју театарски простор, се стекнува и со светско реноме работејќи на разни европски и светски сцени.
Томаж Пандур последниве години, со сестра си Ливија Пандур, најчесто престојуваа во Мадрид (Шпанија) каде го основаа театарот Pandur.Theaters. Овој театар мнгоу бргу се наметна со својата програма на европски и светски театар. Режира претстави меѓу кои се издвојуваат: Крал Лир (Атина, 2015), Фауст (Мадрид, 2014), Медеја (Загреб, 2012), Хамлет (Мадрид, 2009), Калигула (Загреб, 2008), Тесла Електрик (2006), Божествена комедија: Пекол, Чистилиште, Рај(Хамбург, 2001/02), Вавилон (Марибор, 1996), Кармен (Марибор, 1993) и Фауст (Љубљана, 1988).
Од 1988 година, добитник е на низа признанија и награди како Златна маска МЕСС (1990), Бојан Ступица за животно дело (1992) и Изабела Католичка, државно признание на кралството Шпанија (2011).
Со ненадејно заминување на големиот режисер Томаж Пандур, светскиот театар изгуби едно од најзначајните режисерски имиња на денешницата, човек со огромен креативен набој, потенцијал и енергија и режисер со кој актерите и соработниците уживаа во работата и новитетите во секој нов проект.
Македонски народен театар – Скопје сочуствува во големата загуба на семејството Пандур и сите почитувачи на неговата личност и дело.