Во центарот на Скопје денеска беше поставен и осветен камен-темелник за обнова на црквата „Св. Константин и св. Елена“, која до пред 40-ина години постоела на плоштадот „Македонија“. Црквата се гради непосредно до Дом на АРМ и недалеку од автентичното место на скопскиот плоштад.
Инвеститор е Македонската православна црква, која за изградба на храмот основа фондација „Св. цар Константин“ за собирање средства, а градежните работи ќе ги изведува компанијата „Бетон“ од Скопје. Темелот го освети поглаварот на МПЦ г.г. Стефан во сослужение со митрополитот брегалнички Иларион и свештеници од Скопската епархија. На настанот присуствуваа премиерот Никола Груевски, министри во Владата, градоначалниците на Скопје и на општина Центар Коце Трајановски и Владимир Тодоровиќ.
Првобитниот храм посветен на царот Константин и неговата мајка, царицата Елена, скопјани го граделе пред и по Првата светска војна и бил осветен во 1926. Во земјотресот во 1963 година црквата имала оштетувања кои не биле сериозни за да биде урната, но на почетокот на 1970-тите години храмот бил миниран и на местото каде што стоел денеска е дел од Градскиот трговски центар.
– Со амин на силните на денот згаснало едно кандило и едно православно светилиште, со што се потврдило правилото дека човекот полесно ја менува својата околина и светот отколку самиот себе. А каков е човекот во својата совест, во своето расположение и намери такво, за жал, станува и општеството. Бевме сведоци на една идеологија, на насилничко и безумно едноумие, распослано од Трст до Владивосток, кое се натпреваруваше во злото кога беа во прашање верата и црквата. Бевме сведоци на време кога местото на Бога се обидуваа да го заземат овоземни божества, кога се живееше без Бога и кога Бог се бркаше, не само од своите, туку и од душте на другите, рече архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Темелот за обнова на храмот се поставува во пресрет на 2013-та кога христијанските народи ќе одбележат 1700 години од Миланскиот едикт – указ за слобода и рамноправност на христијанството со другите религии во Римската империја, издаден од императорот св. Константин.
Црквата првично требаше да биде на истото место. Маркичката за изградба е ставена со измените на Детаљниот урбанисти план – Мал ринг на Општина Центар. Државното земјиште и е дадено на користење на Македонската православна црква која од општината доби одобрение за градба.