Сите патници од киднапираниот египетски авион се ослободени, освен седуммината членови на екипажот и четворица странци, соопшти компанијата „Иџиптер“, јави Би-Би-Си.
Според медиумските извештаи сите странци се Европејци.
– Преговорите со киднаперите резултираа со ослободување на сите патници, освен членовите на екипажот и четворица странци, напиша авиокомпанијата на Твитер.
Авион на египетската компанија „Иџиптер“ со 61 патник и членови на екипажот принудно слета на аеродромот во кипарскиот пристанишен град Ларнака околу 8:30 часот изутрината по локално време.
Авионот Ербас А320 сообраќал на релација Александрија- Каиро и кусо по 8:20 часот по локално време навлегол во воздушниот простор на Никозија, при што пилотите побарале да слета на аеродромот во Ларнака, поради тоа што во него имало киднапери.
Според кипарските медиуми киднаперите побарале од пилотите да го приземјат авионот во Ларнака.
Во моментов авионот се наоѓа во зоната за безбедност на аеродромот во Ларнака.
Според кипарски претставник постои сомневање дека во авионот има бомба.
Кипарските власти се во состојба на зголемена готовност и веќе е свиката итна владина седница.