Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Бренан на почетокот на месецов престојувал во Москва, каде имал средби со претставници на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), соопшти денеска заменик министерот за надворешни работи на Русија, Олег Сиромолотов.
Според Сиромолотов, престојот на Бренан на Москва не бил поврзан со одлуката на Русија за повлекување на главнината на своите сили во Сирија.
Како што јави ТАСС, Сиромолотов најави и дека наскоро ќе го посети Брисел, каде ќе има средби со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и со претставници на одделот на Унијата за борба против тероризмот.
– Имаме за што да разговараме. Нашите контакти беа прекинати на нивна иницијатива. Сега ќе се обидеме да ги возобновиме, додаде Сиримолотов, кој како руски заменик министер за надворешни работи е задолжен за борба против тероризмот.