Центарот за современи уметности – Скопје и ФРУ – Факултет за работи што не се учат Битола/ Скопје го продолжи до 28 март, отворениот повик за наградата „ДЕНЕС“ за 2016, за млад визуелен уметник во Македонија до 35 години. Резултатите ќе бидат објавени на 31 март.
Оваа значајна и независна награда е организирана во соработка со „Residency Unlimited“ од Њујорк и поддржана од „The Trust for Mutual Understanding“ од Њујорк.
„Продолжениот рок за аплицирање за оваа награда ќе биде до 28.03.2016, а резултатите ќе бидат објавени на 31.03.2016.
Победникот ќе има можност да присуствува на двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited (http://residencyunlimited.org/) во периодот од јули до септември 2016 година. Ако некој уметник е спречен да присуствува на резиденцијата во наведениот период тогаш тој/таа треба да земе превид да аплицира на подоцнежен датум.“, соопштуваат организаторите.
Уметници кои работат во полето на современата уметност вклучувајќи сликарство, вајарство, графика, цртеж, инсталација, фотографија, видео, нови медиуми и перформанс се охрабрени да аплицираат. Повикот не е наменет за уметници кои работат во областа на применетите уметности, дизајн, театар, танц и филм. На овој повик уметниците можат да се пријават индивидуално или можат да бидат номинирани од уметнички професионалци кои се активни на полето на современата уметност.
Според критериумите, оваа награда е наменета за индивидуални уметници до 35 години. Резиденцијалната програма е дизајнирана само за еден индивидуален уметник од земјата во дадената година кога се доделува наградата.
Кандидатите мора да поседуваат академска диплома, да бидат активни уметници најмалку 3 години во Македонија и да имаат значаен обем на дела кои биле изложени во уметнички институции како што се галерии, уметнички центри или музеи.
Уметници кои не се жители на Македонија мора да бидат препознаени за нивниот придонес во развојот на уметничката сцена и нивната уметничка кариера мора да има значајна релација со Македонија. Уметници кои се емигранти би требало да се членови на македонската уметничка заедница и редовно да изложуваат во Македонија.
Уметниците кои аплицираат треба да го познаваат разговорниот англиски јазик за да можат активно да учествуваат во програмата и за да можат да се поврзат со уметници и уметнички професионалци во Њујорк.
Финалистите ќе бидат избрани врз основа на заслугите од нивното портфолио, изложените дела на финалната изложба, според претходните достигнувања и изложби и покажаниот потенцијал.
Жири од етаблирани професионалци ќе селектира четири финалисти кои ќе ги претстават своите дела во рамки на групна изложба кон средината на април 2016 година во Скопје. Жирито, меѓу кои ќе биде и претставник од Residency Unlimited преку скајп, ќе го одбере пдобитникот на наградата врз основа на интервјуа.