УНИЦЕФ изрази загриженост за новиот договор меѓу ЕУ и Турција, кој стапува на сила оваа недела. Тој не се однесува на итните хуманитарни потреби на 19.000 деца-бегалци и мигранти заглавени во Грција, оценува организацијата.
„Децата сочинуваат 40 отсто од бегалците и мигрантите во Грција. Се проценува дека децата без придружба изнесуваат 10 отсто од детската популација. УНИЦЕФ предупреди дека новиот договор може да ги принуди децата и семејствата да тргнат по други поопасни патишта, вклучувајќи го и централниот дел од Средоземното Море.
УНИЦЕФ ја поздравува заложбата на европските лидери за утврдување на индивидуалниот статус на бегалците и мигрантите, наместо да се спроведуваат колективни протерувања, практики на враќање или други мерки што може да бидат штетни за децата. Меѓутоа, агенцијата за децата инсистира да се даде осврт на неколку приоритети: Децата без придружба и одвоените деца соодветно да се идентификуваат и да се земат под заштита наместо да се притвораат. Тие имаат право на целосно сослушување и проценка на нивните најдобри интереси пред секоја одлука во врска со нив, вклучувајќи ја и одлуката за враќање. Капацитетот на државните институции во Грција треба значително да се зголеми за да се решат новите случаи.
Услугите за поддршка на децата и семејствата, како што се просторите пријатни за децата и површините безбедни за мајките и бебињата, бргу да се прошират во услуги на „сини точки“.
За децата кои се заглавени во Грција подолго време ќе бидат потребни поголем број основни услуги, како што е образованието во вонредни состојби. Многу деца не одат на училиште неколку месеци, а ќе имаат корист дури и од краткорочна настава.
За да се спречи појава на болести кај децата, мора итно да се разгледа можноста за вакцинирање на децата-бегалци и мигранти, особено затоа што многу од нив со недели живеат во нехигиенски услови. Почетниот одговор би вклучил вакцинација против мали сипаници, детска парализа и пневмококна инфекција.“, се наведува во соопштението од УНИЦЕФ.