Компјутеризацијата на современите модели на автомобили го зголемува ризикот од хакерски упади во системите, предупредуваат американскиот ФБИ и Националната агенција за безбедност во сообраќајот (НХТСА).
Овие две организации издадоа соопштение во кое наведуваат дека јавноста треба да биде свесна за заканата од кибер криминал во возилата,чии мултимедијални системи можат да се поврзат на Интернет.
На тој начин, во 2015 година компанијата „ФИАТ Крајслер“ била принудена од американскиот пазар да повлече 1,4 милиона автомобили, бидејќи магазинот „Wired“ на примерот на моделот „Џип Чироки“ покажа дека е можно некој однадвор од возилото да ја преземе контролата врз него додека возачот е комплетно немоќен да направи било што во врска со тоа.
ФБИ ги советува сопствениицте на автомобили во САД веднаш да ги контактираат доколку забележат дека возилото им е „хакирано“.
Современите автомобили се почесто нудат напредна технологија која има за цел да ја подобри безбедноста во возењето, да ја намали потрошувачката на гориво и на корисниците да им понуди бројни погодности во кои можат да уживаат додека се возат во автомобилот.
Меѓутоа, можноста од пристап до Интернет истовремено претставува и потенцијална опасност, со оглед на фактот дека функциите и командите на автомобилот тогаш се на удар на хакерите.
ФБИ затоа ги советува сопствениците на новите автомобили да го апдејтуваат софтверот во мултимедијалните системи во возилото, но и да бидат внимателни доколку вршат софтверски измени на своја рака, да ги следат вестите за повлекувања на возила на американскиот пазар, да бидат внимателни доколку на некого му се дозволува да се конектира на нивниот мултимедијален уред, како и да водат сметка за тоа кој се има физички пристап до автомобилот (клучевите).
ФБИ предупредува дека хакерите можат да го нападнат мутимедијалниот систем и компјутер во автомобилот и со лажни пораки кои кога се отвораат инсталираат „малвер“ во возилото.