(ВИДЕО) Жерновски: Ставрески, до кога со политичка одмазда ќе ја блокирате општината

Од:

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, со дел од советниците, одржа прес-конференција на локацијата каде треба да се гради новото училиште „Капиштец“, чија изградба беше едно од главните ветувања во предизборната програма.

Општината го исчисти теренот и се’ е подготвено за почеток на градежните активности.

„Но, министерот за финансии, Зоран Ставрески и владата одлучија да ја блокираат изградбата на ова училиште и со тоа да спречат решавање на еден од најголемите проблеми на граѓаните во оваа населба. Цел месец чекаме министерството не го потпишува документот за задолжување на општината. Шест пати го побарав министерот, но тој нема време да разговара со мене на оваа тема, седум пати нашите служби безуспешно се обидуваат да стапат во контакт со надлежните во министерството“, рече Жерновски.

Градоначалникот појасни дека документот е чиста формалност, бидејќи општина Центар ги исполнува сите услови за подигнување на кредит за изградба на училиштето. Општината го раскина договорот за кредит за изградба на фамозната барокна катна гаража и одлучи парите да ги инвестира во иднината, со изградбата на ново, современо основно училиште.

“За споредба, вакво исто одобрение, за само две недели, му било издадено на поранешниот градоначалник, Владимир Тодоровиќ, за изградба на барокната катна гаража. На 15-ти јуни, 2012-та, било поднесено барањето од Тодоровиќ и веќе на 29.6.2012, истиот министер Ставрески, кој сега не може да најде време, го потпишал барањето за задолжување. На нашето барање, доставено на 17.2.2016 година сеуште нема одговор. Сакам да го прашам министерот Ставрески: до кога на грбот на децата и граѓаните на Центар ќе се врши ваква политичка одмазда? До кога ќе се блокира општината во реализација на капитални проекти за ситни политички поени?“, праша Жерновски.

За него, несфатливо и скандалозно е однесувањето на министерот, кој ја блокира општината само затоа што раководството не е од ВМРО-ДПМНЕ.

Жерновски најави дека ваквото блокирање ги поминува сите граници и доколку во рок од една недела не биде доставен документот од Министерството за финансии, ќе се започне со собирање на потписи од сите жители на Капиштец.

Би можело да ве интересира

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Утре во Скопје ќе има протест и марш, МВР со посебен сообраќаен режим

Горан Наумовски

Општина Центар затвори нелегално градилиште на булеварот „Никола Карев“

„Шанса за Центар“ предупредува: Повторно со техничка исправка на план ќе се гласаат два ката плус спроти стара Градска болница

Маја Илиевска-Пачемска

Комисија од Центар ги запишува покривите што летаа во невремето и поплавените простории