Граѓанската опција на Македонија (ГРОМ) информира дека поднела кривична пријава против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за две кривични дела.
– Во една сталожена тридневна консултација со правни експерти одлучивме да поднесеме кривична пријава против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, и тоа за сторени две кривични дела. Едното кривично дело е за злоупотреба на службената положба и овластување, а другото е сторено според законот за спречување на судир на интереси, истакна на денешната прес-конференција претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.
Како што потенцира, според тековната состојба на СДСМ, покрај Зоран Заев, Спасовски е овластено лице во партијата и генерален секретар, со полни права и обврски, а оти во исто време се јавува како овластено лице во МВР, исто така со полни права и обврски.
– Злоупотребата со искористување на службените должности и овластувања е извршена затоа што во својство на службено лице се водел од лични и политички интереси во организирањето на протестот. Извршил злоупотреба со пречекорување на службените овластувања затоа што на ден 15 март 2016 организирал приватна партиска забава или протест во кој што и самиот учествувал, потенцира Јакимовски.