Во врска со пресот на Социјал-демократскиот сојуз одржан од господинот Менде Диневски, Министерството за здравство го дава следниот одговор:
Никаде во огласите на Министерството за здравство не е споменат Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, туку е побарано кандидатите да се дипломци од највисоко рангираниот Универзитет во Република Македонија.
Имено, согласно член 77-а, став 1, од законот за високото образование, а кој гласи „За развивање и одржување на квалитетот на високото образование на секои две години задолжително се спроведува рангирање на сите универзитети и високообразовни установи во состав на универзитетите (факултети и уметнички академии), запишани во регистарот на високообразовни установи „во Република Македонија се спроведе рангирање. Рангирањето го направи надворешна и независна куќа, односно „Џао-Тонг Универзитетот“ од Шангај, кој што ја прави најпрестижната и најпознатата меѓународна ранг-листа на универзитети. Токму оваа институција ги примени своите правила и принципи направи професионално и непристрасно рангирање на нашите Универзитети, а со примена на светски познатити и признати стандарди.
Несомнено е дека IQ тестирањето не е ништо ново и непознато. Голем број на домашни но и меѓународни компании, при вработувањето на кадри имаат предвидено тест на интелигенција.
Во некои земји тестот на интелигенција се применува и при вработување во државни институции, полиција, војска и слично. Тоа е прифатен принцип во светот и не претставува дискриминирачки фактор. Ова се факти кои што многу лесно можат да се проверат и жал ни е што не ги проверивте пред да излезете на прес-конференција.
На крајот, треба да се потенцира дека не се работи за оглас за вработување, туку оглас за надворешни сорабонтици кои би членувале во советодавен комитет, а кој што Министерот за здравство има право да го формира согласно одредбите на Законот за здравствена заштита.
Mинистерство за здравство