Под кои околности на 28 февруари годинава полицаецот Јаким Трифуновски застрела двајца гостиварци и што се случувало на местото на настанот ќе се утврдува со реконструкција. На денешниот претрес Судскиот совет од Основниот суд Гостивар донесе решение реконструкцијата да се изврши на 23 ноември.
Во големата судска сала во доказната постапка искази даваа вештаци од Одделот за крим техника на МВР. Форензичарите дадоа две варијанти за правецот на движење на проектилите со кои Бесник Шехати и Имран Мехмеди беа убиени.
Како што беше објаснето движењето зависело од фактот дали починатите стоеле исправено или биле наведнати во моментот на пукањето.
На прашањето дали било пукано во воздух, крим техничарот рече дека според доказите што ги имаат тоа е тешко да се утврди.
Адвокатот на оштетените Вулнет Пачуку реагираше дека вештакот со своето сведочење сака да му помогне на обвинетиот.
– Имајќи ги предвид сите докази сметаме дека Судот може да утврди како и кога се случило убиството и поради тоа сметам дека не треба да им подарува верба на вештаците во делот кога даваат втора верзија на настанот, рече адвокатот Пачуку.
Одбраната смета дека вештачењето е професионално и коректно.
– Форензичарот својот вешт наод и мислење ги образложи сосем коректно и непристрасно, рече адвокатот на одбраната Митко Солаков.
За најавената реконструкција гостиварскиот суд се обврза да ги повика сите релевантни вешти лица и сведоците кои дадоа искази, но без малолетната ќерка на Трифуновски заради нејзина заштита.