Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ сака да ја прикрие вистината и реалноста, дежурен „виновник“ наоѓа во општина Центар и градоначалникот Андреј Жерновски.
Денешниот напис на интернет портал, кој важи за близок на власта, е груба дезинформација. Порталот, презентриајќи неколку фотографии од улицата „Наум Наумовски-Борче“ во Дебар Маало, заклучува дека оваа населба има „неасфалтирани улици, дупки на секој чекор и раскопани улици со издигнати шахти“.
Порталот ја манипулира јавноста, но граѓаните мора да ја знаат вистината. На улицата од фотографиите објавени од провладиониот портал, „Наум Наумовски-Борче“ се довршува изградбата на малиот плоштад, во непосредна близина на автобуската станица. Половина од улицата е веќе реконстрирана и поставени се нови павер елементи, зеленило, атмосферска канализација и ново осветлување, велат од Општина Центар.
На потегот од улицата, кој во текстот е намерно посочен и сликан, се изведуваат крупни градежни зафати и затоа таму сеуште не е завршена реконструкцијата. Се чека градбата да заврши, за да бидат поставени павер-елементи и со тоа улицата да биде обновена во целост.
Груба лага е дека во Дебар Маало има неасфалтирани улици и дупки на секој чекор. Само во последните три години се реконструрани вкупни 11 улици, меѓу кои Ленинова, Орце Николов и Благоја Страчков, како најголеми улици во оваа населба. Вкупната реконструирана површина е речиси 10.000 м2 само во Дебар Маало, поставено е ново осветлување на осум улици а на три улици е поставен нов водовод.
Дебар Маало, со доаѓањето на новото раководство, за прв пат доби парк до “Кино Карпош“, сквер на улица Пиринска и неколку пјацети на улиците Чедомир Мендеровиќ и Наум Наумовски-Борче, кои се во изградба.
Пролетва ќе се реконструираат уште седум улици во оваа населба со што Дебар Маало ќе стане една од ретките населби во Скопје што има целосно обновени улици.