Чешкиот производител на автомобили „Шкода“ во февруари ширум светот испорачал 78.800 автомобили и го подобрил својот најдобар продажен резултат од истиот месец во 2015 година за 3,6 отсто.
Во вториот месец од 2016 година „Шкода“ во Западна Европа продала 32.500 возила (+9,8 отсто), а Германија со 12.100 автомобили (+14.7 отсто) поединечно остана најсилниот пазар во овој регион. Рекорден раст од дури 69,8 отсто е забележен во Португалија, потоа следи Холандија каде во февруари продажбата е зголемена за 52,6 отсто, односно Данска (+41,2 отсто), Норвешка (+26,4 отсто), Шведска (+24,4 отсто), Финска (+22,6 отсто) и Шпанија (17,5 отсто).
Продажбата во Источна Европа во февруари е зголемена за 11,8 отсто во однос на истиот месец од 2015 година, додека во Централна Европа бројот на испораки е зголемен за 6,3 отсто.
„Шкода“ забележила раст во продажбата и на домашниот пазар, па во Чешка испорачала 7.500 автомбоили (+13,6 отсто). Во Русија од друга страна дојде до пад на продажбата и тоа од дури 27,4 отсто.
Надвор од Европа очекувано во преден план е Кина, со 18.500 продадени автомобили (+4,6 отсто). Значаен раст „Шкода„ постигнала во Израел (+53.5 отсто), Нов Зеланд (+37,8 отсто), Тајван (+20,5 отсто) и Турција (+37,8 отсто).
Купувачите во февруари најчесто се одлучувале за моделот „Октавија“ (31.300 парчиња), на второ место е моделот „Фабиа“ (14.500 парчиња), а на трето моделот „Рапид“ (13.400 парчиња). Моделот „Суперб“ имал раст од дури 65,7 отсто во споредба со истиот месец од 2015 година. Во февруари се продадени 9.300 парчиња од овој модел на „Шкода“.
Во истиот месец се испорачани и 7.400 примероци од моделот „Јети“.
„Шкода“ следниот нов модел, СУВ-от од средна големина што го темели на концептот „Вижн С“, ќе го претстави во септември на авто-салонот во Париз.