Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва во СЦР „Кале“ во Скопје ќе има можност да го поправи впечатокот во дуелот против Словенија.
Откако нашите ракометарки на мечот одигран во четвртокот во Марибор, загубија убедливо од Словенките со 35:17, вечерва ќе имаат можност да покажат дека оваа подмладена репрезентација предводена од селекторот Симе Симевски има потенцијал.
Задачата нема да биде лесна, свесни се ракометарките, кои се надеваат дека со поддршка од публиката сепак конечно ќе стигнат до првите бодови во квалификациите за Европското првенство кое на крајот на годината ќе се одржи во Шведска.
Натпреврот 5.коло во квалификациската група 4, меѓу Македонија – Словенија ќе започне од 20 часот, додека половина час подоцна во Бар ќе играат Црна Гора и Хрватска.
На табелата во оваа група, водечка е Хрватска со 6 бодови, два повеќе од Црна Гора, додека Словенија има 2, а Македонија е последна без освоен бод.