Бразилското Јавно обвинителство поднесе официјално обвинение за перење пари против поранешниот претседател на Бразил, Луиз Инасио Лула да Силва, соопштија правосудните власти.
Лула (70) ги отфрла ваквите обвинувања против него и тврди дека тие се „политички мотивирани“.
Формалното обвинение против поранешниот претседател е дел од големиот корупциски и политички скандал поврзан со државната нафтена комапнија „Петробрас“ и обемната истрага што се води веќе подолго време.
Лула и неговата сопруга Мариса Летисија треба да бидат сослушани во врска со сопственоста на луксузната трикатна вила во елитното бразилско одморалиште Гуаруха.
Минатиот петок Лула беше притворен и сослушан од полицијата во врска со оваа вила, како и со семејниот ранч за кои исто така постојат сомнежи дека е дел од корупцискиот скандал.
Полицијата претходно ги претресе становите на Лула и на неговиот син во околината на Сао Паоло, како и канцелаиите на фондацијата што поранешниот претседател ја формираше по повлекувањето од функцијата.
Поднесеното обвинение сега треба да биде прифатено од бразилскиот суд.
Лула беше претседател на Бразил во два мандати од 2003 до 2011 година. Функцијата потоа ја презеде неговата сопартијка и лојален сојузник Дилма Русеф.
Бразилските медиуми тврдат дека Лула размислува одново да се кандидира за претседател на изборите во 2018 година.