Јапонскиот производител на автомобили „Нисан“ од следната година на купувачите на моделот „Кашкаи“ во Европа ќе им го понуди системот „Piloted Drive“ на полуавтоматизирано возење што ќе може да се користи на автопатиштата.
Следејќи ја својата посветеност кон технологиите за управување на автомобилите без возач, „Нисан“ во опремата на „Кашкаи“ ќе воведе и функција на авто-пилот во текот на возењето по една лента од автопатот. Овој систем овозможува компјутерот самостојно да го „вози“ автомобилот се додека тој се движи по својата коловозна лента, што значи дека ќе оддржува правец и по потреба ќе забавува/забрзува и запира, во зависност од интезитетот на сообраќај и брзината на другите возила.
На тој начин, возачите ќе бидат растоварени во текот на долгите и монотони патувања по автопатиштата, особено во услови на засилен интезитат на сообраќајот.
„Нисан“ најавува дека после „Кашкаи“ истата технологија ќе биде применета и на другите сериски модели на овој производител.
До крајот на 2020 година компанијата ќе претстави системи со уште поголема автономија во возењето, кои ќе овозможуваат автомобилите самостојно да минуваат од една до друга лента и да избегнуваат евентуални опасности што ќе се појават на патот.
Крајната цел е лансирање на автомобилот што ќе може во целост да се движи без помош на возачот, и тоа не само на автопат, туку и во градска средина.