Откако Босна и Херцеговина и Хрватска ги објавија своите претставници за овогодишниот Избор за песна на Евровија, вчера пред време по грешка беше објавено и кој ќе претставува Србија на Евросонгот.
Имено, на насловната страница на српската државна телевија РТС, беше објавено дека претставник на Србија ќе биде Сања Вучиќ, пејачка на бендот ЗАА, но вест набрзо беше повлечена, со образложение дека „по грешка предвреме била објавена“.
Иако грешката била на време увидена, веста сепак набрзо се прошири низ српските медиуми.
По ова синоќа на прес-конференција официјално беше потврдено дека Сања, позната по својот етно урбан израз, ќе ја претставува соседна Србија на Евросонгот во Шведска, а беше промовирана дел од песната која целосно ќе може да се слушне на 12 март.
Сања живее во Белград, каде студира арапски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет.
Инаку, синоќа и Македонија ја промовираше својата песна за Евросонгот, „Дона“, која ја изведува Калиопи.