Учесниците на вонредниот Самит на Организацијата за Исламска Соработка (ОИК) денеска во Џакарта усвоија заедничка Декларација за Палестина во кое се бара целосна независност и признавање на палестинската држава. Во Декларацијата, покрај мерките што според ОИК треба да се спроведуваат преку Обединетите нации, од 56-те држави членки се бара бојкот на израелската економија, со што би се извршил притисок на Израел „ да ги врати окупираните територии“.
На Самитот, што се одржа вчера и денеска, не дојдоа сите најавени шефови на држави и влади од земјите членки, а на вчерашниот министерски состанок имаше повеќе високи државни службеници од колку шефови на дипломатии.
Генералниот секретар на ОИК Ахмед Мадани изјави дека усвоената Декларација е значаен чекор што ќе ги инспирира исламските и другите држави да преземаат поопсежни мерки за решавање на палестинското прашање. Од друга страна, портпаролот на министерството за надворешни работи на Индонезија изјави дека Декларацијата е силен морално-политички документ, но ОИК нема да презема санкции против членките што не ќе ја почитуваат.