Вашингтон пост – Вашингтон
Адашевци, Србија. Тешко е да се гледаат очајните, но со зачувано достоинство семејства кои се собираат околу бесплатните телефони во бегалскиот центар во тоа балканско село додека дома во САД тече кловновскиот спектакл за претседателската предизборна кампања.
Како воини на сиромаштијата, тие слегуваат од автобусите и нивната прва молба не е за вода, храна или бебешки пелени. На пат се повеќе седмици, во некои случи и со месеци, и имаат потреба да се видат, поврзат со роднини кои ги оставиле зад себе си и со кои може повеќе и да не се видат, или со пријатели кои можат да ги информираат за опасностите на патот кој им престои.
Тие бегаат од разурнувањата на цели држави. Еден милион од нив пристигнаа во Европа минатата година, а уште еден милион стојат пред прагот. Лидерите на континентот ја прифаќаат масовната миграција како најтешкото искушение од Втората светска војна. Крајнодесните ксенофобски партии се во подем. Дамнешните амбиции за слобода на говорот, толерантноста и отворени граници се подриваат. Многумина од лидерите се очајни од недостигот на лидерство од страна на САД и од засиленото руско мешање.
Ккава и да е вашата политичка опеределеност, не може да не забележите дека проблемите се критично сериозни, а секакви решенија се комплицирани и тешко остварливи. За тоа време, предизборните претседателски дебати меѓу републиканците течат како некоја гротескна игра на детски игралишта, во која суштинските проблеми доколку севкупно се разгледуваат, се претставуваат како лесно за решавање.
Доналд Трамп се заколна „да го види крајот на Исламска држава“. Каква стратегија има за тоа? „Ќе го направам тоа, верувајте ми. Ќе го направам“.
Дојдов во Ајдашевци со делегација на Конгресот предводена од сенаторите Џон Мекејн (Републиканска партија, Аризона) и Шелдон Вајтахус (Демократска партија, Роуд Ајленд). Српската влада се трудеше да покаже дека се однесува хумано со мигрантите. И тоа навистина и го прави – засега.
Мигрантите влегуваат во Србија од југ, од Македонија, откако поминале пат по копно и море стотици километри. Тие стигнале со ноќен автобус на северозапад до тој крајпатен мотел кој е претворен во приемен центар. Потоа се качуваат на воз за Хрватска со надеж да продолжат на север.
Но богатите земји на север стануваат се понегостопримливи и мирното напредување преку границите ќе започне да се распаѓа, како патничките вагони во железничка несреќа. Шведска прва ги затвори своите врати, по неа и Австрија.
– Главното прашање е која земја ќе се претвори во паркинг за бегалци?, рече за Њујорк тајмс раководител на бугарска тинк-тенк организација Иван Крстев.
Чувствувајќи негативен одговор од Европа, премиерот на Грција, Алексис Ципрас, вети: „Нема да дозволиме нашата земја да ни се претвори во постојан човечки склад“.
Додека „Исламска држава“ дивее, талибанците освојуваат терен и граѓански војни разурнуваат во Сирија, Ирак, Либија и Јемен, бегалскиот наплив нема да секне. Србија не може да ги реши проблемите. И САД не можат, не и сами, но без водството на САД овие проблеми ќе се распространат како метастази на ракот.
Американскиот вкус за брзи и лесни решенија не започнал со овој предизборен циклус. Претседателот Џорџ Вокер Буш се обиде да го раздвои светот на добар и лош, на оние кои се со нас и оние кои се против нас, но светот сепак не се потчини.
Претседателот Обама оцени демек повлекувањето од конфликтниот реон ќе стави крај на конфликтот. „Бранот на војната е во одминување“, изјави тој додека го објавуваше повлекувањето на американските војски од Ирак. Светот повторно одби да соработува.
Сега, кандиатот за номинацијата на Републиканската партија за претседателските избори, Тед Круз, ги уверува Американците дека можеме да ја уништиме Исламска држава ако ја засипеме со бомби, а демократскиот претендент Берни Сандерс ветува дека ќе ја префрли задачата на некаква митска коалиција меѓу Турција, Иран и Саудиска Арабија (кои се смртни непријатели, ама колку да се рече).
Всушност, нема одговор без трпелив и решителен ангажман на САД, дипломатски, воен и економски, помеѓу меѓународните институции, кога е тоа можно, и заобиколувајќи ги кога не е. Овие напори понекогаш ќе успеат, а другпат ќе пропаднат и тогаш единствената варијанта ќе биде да се прегрупираме и да направиме нов обид. Ништо од тоа не гарантира привлечни медиумски наслови за јавноста.
Во Адашевци, една 25-годишна жена минала многу места од голем дел од Авганистан, Иран и Турција, со својот сопруг, четири годишната ќерка, и други роднини. На моето прашање зошто воопшто си заминала од дома, таа го покажува гестот на забулување на лицето.
– Талибаците се вратија. Има војна, нема храна, нема училишта, рече таа преку преведувач.
Се надева да отиде во Германија. „Слушнавме дека таму има добар живот, добро подреден, без војна, рече таа. Но веќе и е жал за татковината. „Кога ќе заврши војната, сакам да се вратиме“, ми рече таа.