Германската Влада соопшти денеска дека државите од Европската унија не треба да ја остават Грција сама да се соочува со приливот на мигранти и бегалци, но исто така ја повика Атина да ја заврши својата работа за ефективна заштита на границите.
– Грција не треба да остане сама во ситуацијата во која се наоѓа, изјави портпаролот на Владата, Штефан Зајберт на пресконференција.
– Истовремено Грција треба ефективно да ги заштитува своите граници, како и да продолжи со изградба на функционални критични точки и доволно капацитети за сместување, додаде тој.
Германија соопшти дека мигрантите, кои пристигнуваат преку границата со Австрија моментално се неколку стотини на ден, што е драстично намалување во споредба со есента.
Портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи Тобиас Плате изјави дека иако бројката варира, во последно време таа изнесува во просек околу 500 лица.