Граѓани масовно дојдоа пред Уставен суд на протестот против одлуката на петмината судии да дадат можност претседателот на државата да може да помилува лица осудени за изборен криминал.
Денеска е трет ден како се протестира пред Уставниот суд, револтираните граѓани извикуваат: „Оставка!“, „Џелати!“, „Ова нема да ви помине!“.
Граѓаните овојпат дојдоа во работно време кога судиите се во Уставниот суд за да ги прашаат како пресудија да се помилува изборен криминал, но и други тешки дела како педофилија, тероризам и слично.
Голем број граѓани се уште доаѓаат пред Уставниот суд.
Активистите од граѓанската платформа АЈДЕ! носат транспаренти на кои се испишани имињата на судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски. Тие велат дека граѓаните треба да го одбранат Уставот од Уставниот суд.
Граѓаните велат дека судиите, гласајќи за оваа одлука ги згазија и Уставот и правото и правдата.
А.Б.