Претседателот на Австрија Хајнц Фишер телефонски разговараше со шефот на грчката држава, Прокопис Павлопулос за бегалската криза и заладувањето на односите меѓу двете земји.
Тој, како што соопшти неговиот кабинет, со Павлопулос разговарал за актуелните прашања на европската политика кон бегалците.
Получасовниот разговор бил пријателски, се додава во соопштението.
Павлопулос го информирал Фишер за „есктремно тешката ситуација“ во која се наоѓа Грција, а австрискиот претседател го појаснил австрискиот став и укажал на претстојниот самит на ЕУ.
Австриската Влада изминатите недели повеќе пати ја критикуваше Грција поради недоволното дејствување во бегалската криза и не ја покани Атина на конференцијата на државите од Западен Балкан, посветена на бегалската криза.
Грција, пак, не ја прифати посетата на австриската министерка за внатрешни работи Јохана Мики Лајтнер, која сакаше на грчките власти да им ги појасни ставовите на Австрија.