Општина Василево од 3 до 5 март годинава ќе биде домаќин на државното првенство во одбојка за машки од основните училишта.
На првенството ќе учествуваат 60 ученици во шест екипи од Скопје, Битола, Велес, Крушево и Василево.
– Минатата година нашата екипа беше меѓу најдобрите на првенството и затоа годинава ни се укажа честа да бидеме ние домаќини. За нас е особена чест да бидеме организатори на првенството. Со оглед на тоа што децата ќе бидат сместени кај нивни другарчиња од општина Василево очекуваме големо дружење и пријателства што е и долгорочна цел. Се надеваме дека василевските одбојкари повторно ќе бидат меѓу најдобрите, истакна директорката на ООУ „Гоце Делчев“, Емилија Котева.
Таа изрази благодарност до општината за помошта во организацијата и ги повика жителите да бидат дел од публиката во спортската сала во Василево.