Австрискиот канцелар Вернер Фајман во врска со заладувањето на односите меѓу Виена и Атина порача дека не Австрија, туку Грција е на надворешната граница на Европската унија, како и дека Австрија морала да стане активна, бидејќи нема европско решение.
Тој во интервју за виенскиот весник „Курир“ изјави дека Грција не може да бара од Австрија да прими 200 илјади луѓе или повеќе.
– Грција минатата година прифатила 11 илјади лица кои барале азил, а Австрија 90 илјади. Грција, а не Австрија се наоѓа на надворешната граница на ЕУ и таму би требало да функционира распределувањето, порача Фајман.
Австрија, според него секогаш била за европско решение, но тоа не било донесено навреме, па затоа морала самостојно да стане активна.
– Австрија на балканската рута е првата земја низ која бегалците не транзитираат само, туку сакаат и да останат. Се додека тоа е така и Австрија ги прифати сите, другите земји можат и натаму да спијат. Исто така расположението во Германија е променето. Минатата година луѓето стоеја на станиците држејќи транспаренти за добредојде, а тоа денес не може да се види. Ние во Австрија не можеме да го применуваме правото на азил за цела ЕУ, рече Фајман.
Со тоа тој ја образложи одлуката за одржување конференција со земјите од Западен Балкан, која наиде на критики од Грција и Европската комисија.