Од почетокот на годината на Балканот и во цела Европа се зголемија мерките за ограничување на бранот бегалци и за нивно убедување да не се доселуваат во тие делови на светот, пренесува бугарската новинска агенција БТА.
Над еден милион мигранти влегоа во Европа во текот на 2015 година и ја создадоа најголемата миграциска криза од Втората светска војна наваму. Од почетокот на јануари над 110.000 мигранти и бегалци дојдоа во Европа преку Средоземното Море, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ).
По тој повод, Франс прес објави преглед на мерките кои ги презеле балканските и европските земји, а кои ги пренесува бугарската новинска агенција БТА.
Македонија
Од 21 февруари земјата го блокираше преминувањето на Авганистанците кои се на пат кон Северна Европа и бара од Сиријците и Ирачаните да располагаат со документи за идентификација, освен дозволите кои ги добиваат за преминување низ грчка територија, издадени од грчките центри за регистрација. Ова зајакнување на контролата е резултат на заедничко решение, донесено на 18 февруари во Загреб од страна на полициските сили на земјите од балканската рута (Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Австрија).
Словенија
Од 15 февруари земјата го заостри влегувањето на имигрантите и го одбива влезот на оние кои не се загрозени или кои доаѓаат од т.н. безбедни земји. Властите побараа од Парламентот да дозволи распоредување на војска по нејзината граница.
Хрватска
Од ноември земјата воведе механизам за влез на мигрантите и ги прифаќа само оние кои бегаат од земји кои се зафатени од војна. На 20 јануари Хрватска одлучи да дозволи низ нејзина територија да минуваат единствено мигрантите кои бараат азил во Германија или во Австрија.
Турција
Земјата која стана една од главните точки за заминување на мигранти во насока на ЕУ, од почетокот на февруари ги заостри условите за влез на своја територија на ирачки државјани. Сега само оние кои имаат виза или дозвола за престој, издадена од земја од Шенген зоната, САД, Велика Британија или Ирска, ќе можат да ги искористат предностите на поедноставена постапка за влез во Турција. Останатите ќе треба да аплицираат за виза.
Германија
Земјата прифати минатата година 1,1 милиони кандидати за азил. Денеска германскиот Парламент усвои нови прописи за мигрантите, меѓу кои одредени ограничувања при обединување на семејствата. Според промените, одобрени денеска од пратениците, мигрантите, кои користат т.н. субвенционирана заштита (што е за еден степен помалку од бегалскиот статус) ќе треба да почекаат две години пред да ги доведат семејствата. Берлин исто така го запре правото на азил за мигрантите од Мароко, Алжир и Тунис, откако овие три земји беа прогласени за безбедни. Од 1 јануари Германија воведе индивидуално разгледување на барањата за азил, вклучувајќи и за Сиријците, кои досега речиси автоматски добиваа азил.
Белгија
На 23 февруари земјата привремено ги врати контролите на границата со Франција, за да се справи со евентуален прилив на мигранти кои доаѓаат од миграцискиот камп Џунглата во Кале, кој се очекува да биде делумно растурен од властите.
Австрија
На 19 февруари земјата воведе дневни квоти за мигрантите кои овозможуваат во земјата дневно да влегуваат само 80 кандидати за азил, а да преминуваат на пат за други земји само 3.200 мигранти дневно. Австрија има намера да ги ограничи на 37.500 кандидатите за азил за оваа година, откако лани регистрира 90.000 барања за азил. Освен тоа, Виена одлучи да стави шест земји (Алжир, Мароко, Тунис, Грузија, Гана и Монголија) на листата на безбедни земји, заострувајќи ги на овој начин условите за добивање азил за нивните граѓани.
Данска
Данските парламентарци усвоија контроверзен закон кој и овозможува на полицијата да заплени вреден имот на мигрантите, со цел да го финансира нивниот престој на данска територија. Законот стапи во сила на 5 февруари. Тој предвидува и други рестриктивни мерки како рок за чекање од три години пред поднесување на барање за обединување на семејствата на мигрантите.
Шведска
Земјата соопшти кон крајот на јануари, дека барањата за азил на речиси еден од двајца кандидати ќе бидат одбиени и тие ќе бидат протерани, односно вкупно 80 000 луѓе.
Финска
Земјата има намера да протера 20.000 од 32.000-те кандидати за азил, дојдени на нејзина територија минатата година.
Покрај тоа шест од 26-те земји од Шенген зоната за слободно движење (Австрија, Германија, Шведска, Данска, Норвешка и Франција) веќе воспоставија времена контрола на границите, но без да ги затвораат