Поранешниот водител на телевизиската програма „Топ Геар“ Џереми Кларксон, ТВ компанијата Би-Би-Си, каде се емитува програмата и продуцентот Ојсин Тајмон и нивните адвокати се спогодија вонсудски да се затвори минатогодишниот инцидент, пред случајот да се расчисти на судење.
Кларксон денеска јавно му се извени на Тајмон, изрази жалење за повредите што му ги нанесе и прифати како отшетата за „расистичките“ навреди и за физичката повреда, да му плати отштета од 100 илјади фунти (околу 140 илјади долари).
„Жалам за она што му го направив на Ојсин. За ништо од она што се случи, тој немаше никаква вина“, рече во извинувањето Кларксон.
Инцидентот се случи во март минатата година, за време на снимањеето на неколку епизоди од најновата серија емисии за програмата за автомобилизам „Топ Геар“ кога популарниот, но избувлив и „лесен на јазикот“ водител Кларксон, го нокаутира продуцентот на програмата Ојсин Тајмон.
Повод да го натепа продуцентот на Би-Би-Си, било незадоволството на Кларксон, што по неколкучасовното снимање по „мошне студено време“ во малиот хотел, каде била сместена екипата, немало топло јадење.
Залудни биле уверувањата дека за ТВ ѕвездата имало посебно подготвен бифтек, па без да биде предизвикан, Кларксон почнал да го навредува продуцентот и на крајот силно го удрил со тупаница во лицето, помалиот и физички поситен Тајмон.
„Ти валкан, мрзелив и неспособен Ирец“ – врескал на продуцентот Кларксон, дополнувајќи ги навредите со псовки.
Натепаниот продуцент, заврши во болница, а Џереми Кларксон (55) доби отказ од Би-Би-Си.
Не беа прикажани ниту последните три снимени емисии, само затоа што на нив се појавува водителот, за кого компанијата тогаш соопшти дека последниот инцидент е веќе премногу за да продолжи да ги толерира неговите испади.
Кларксон како и другите двајца водители на „Топ Геар“ Џејмс Меј и Ричард Хамонд заминаа од Би-Би-Си и сега водат програма за автомобилизам на „Амазон“ ТВ сервисот.
Продуцентот Ојсин Тајмон се врати во компанијата каде веќе работи 12 години.
Емисијата „Топ Геар“ сега ја водат поранешниот ди-џеј Крис Еванс, заедно со некогашниот автомобилски ас Еди Џордан и актерот Мет Лабланк, од поранешната популарна американска тв серија „Пријатели“.