Британската медицинска сестра Полин Каферки (39) по трет пат е примена во болница, поради стравувањето од повторното заболување на ебола, од што таа претходно на два пати беше лекувана.
Жената е префрлена во болницата за инфективни болести во Глазгов. Претставник на болницата не даде други детали, освен дека таа ќе биде подложена на детално дополнително испитување.
Во 2014 година, Каферки првпат заболе од ебола, додека работеше со британската медицинска екипа во Сиера Леоне, помагајќи во борбата со раширената зараза од овој смртоносен вирус што избувна во неколку земји на Западна Африка.
По излекувањето, таа се врати на работа и дури одново отпатува во Африка, но во октомври минатата година одново беше лекувана, откако со воен хеликоптер итно беше префрлена во специјализираната болница за заразни болести во Лондон, каде остана во целосен карантин повеќе од еден месец.
Лекарите утврдија дека кај оваа медицинска сестра одново се појавил вирусот на ебола, веднаш по пристигнувањето во Велика Британија.
Вирусолозите утврдија дека кај Шкотланѓанката Каферки болеста „останала во телото“ иако претходно била отпуштена од болницата како „сосема излекувана„.
Според лондонските медиуми, кај неа подоцна било откриено дека заболела и од менингитис, што се поврзува со еболата.
Здравствени експерти изјавиле за Би-Би-Си дека еболата може да се задржи во телото и „пациентот да го носи вирусот“ и по излекувањето и опоравувањето.
Вирусот на ебола избувна во Западна Африка во март 2014 година. Брзо се рашири низ неколку земји во регионот, предизвикувајќи најголема смртност откако вирусот прв пат е откриен во 1976 година.
За 21 месеци, колку што траеше епидемијата, починаа 11,300 лица во Сиера Леоне,, Либерија, Гвинеја, Нигерија, Мали и во САД. Со вирусот на ебола беа заразени 28.600 лица. Заразата беше официјално совладана во јануари оваа година.