Предупредување од Светска банка-земјите од Западен Балкан оваа година се соочуваат со нова рецесија, при што најголем пад од 2,5 отсто се очекува во Србија, додека закрепнувањето во 2013 година ќе биде мошно бавно.
Нивоата на долгот во одредени земји исто така се превисоки, посочи координаторот на Светска банка за Западен Балкан, Џејн Армитиџ.
– Би кажала дека долговите во Црна Гора, Србија и Албанија се на мошне опасно ниво, особено во Албанија каде тој е 60 отсто од Бруто домашниот производ, а тие забрзано се зголемуваат и во Србија и Црна Гора, истакна таа во интервју за Ројтерс, јави Танјуг.
Прогнозата на Светска за Србија е најпесимистичка, бидејќи таа земја, како што се наведува, има потешкотии во стимулирањето на растот во време кога настојува да го намали својот растечки буџетски дефицит.
„Долготрајната неизвесност во еврозоната значи дека се соочуваме со повторна рецесија“, истакна Армитиџ и додаде дека Банката во овој момент проценува дека Западниот Балкан е во рецесија.
Албанија и двете поранешни југословенски републики во моментот се соочени со пад на извозот и пресушување на директните странски инвестиции, поради должничката криза во еврозоната, која е главен извор за трговија и инвестиции за регионот.
Армитиџ напомена дека единствено Косово веројатно ќе продолжи со растот благодарение на ниското ниво на интеграција со европските пазари, малиот долг и обемните инвестиции во инфраструктурата.