Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, вели дека режимот тоне, и дека по толку години верува дека ќе се одржат првите избори на кои вистински ќе одлучува народот.
Еве што напиша Жерновски:
По вчерашната прес конференција на СЈО, стана сосема јасно дека, без разлика на се’, криминалот не се исплаќа. Знае(в)ме дека корумпираното судство е последниот бедем во одбраната на режимот, но прашање на време е кога ќе му откаже послушност на Груевски. Од одлуката да нема притвор за екипажот на „Титаник”, воопшто не треба да сме изненадени. Бродот тоне. Единственото што може сега да го направи режимот, е малку да го забави неговото тонење, но не и да го запре.
Процесот кој започна вчера, на крај ќе резултира со казни за сите осомничени. Зад секоја индиција од прислушкуваните разговори, убеден сум дека стојат цврсти докази, кои лесно може да се откријат. На секој чекор има докази за злоупотреби и фалсификат во текот на изборната кампања.
Тоа го видоа сите граѓани на Центар и Македонија. Тоа пред камерите, ворочем, го покажаа и самите гласачи од Пустец. За овие кривична дела има непобитни докази. По првото обвинение, кристално јасно е дека СЈО темелно и професионално ги работи истрагите. Повеќе од убеден сум дека ќе ги откријат сите злоупотреби и дека, конечно, правдата ќе биде задоволена. Ќе се докаже дека не беше залудно што гласавме во три круга и на тој начин не дозволивме да успее грубиот изборен фалсификат. Веќе се докажува дека нивниот пад започна токму од Центар.
Верувам дека ни претстојат, по цела деценија, првите избори на кои вистински ќе одлучува народот. До тој датум, на сите во Македонија ќе им биде јасно кој ја злоупотребувал власта во име на народот, кој ќе биде обвинет во име на народот и на кого ќе му се суди во име на народот!