ВИДЕО: Илјада чевли пред Влада, граѓаните протестираа против масовното иселување

Од:

Повеќе од илјада чевли беа наредени денеска пред Владата, симболично потсетувајќи ја власта на сите кои се иселија од Македонија, во потрага по подобар живот.

Ниту силниот дожд не ги спречи граѓаните да го изразат својот револт заради масовното иселување од државата, најголемиот дел од нив имаат деца, сестри и браќа, пријатели, кои се високо образовани, но кои заминале зашто не можеле да најдат соодветно вработување и да остварат квалитетен живот. Граѓанската акција „Заслужуваме подобро“, ги повика граѓаните кои имаат свои блиски што се иселиле од земјата да се приклучат кон иницијативата “Колку чевли останаа неизносени“. Меѓу собраните пред Влада и една мајка, чии двајца синови, од кои едниот инжинер по нуклеарна енергија, не можеле да се вработат зашто не биле истомисленици со власта.

– Имам двајца синови во странство, едниот докторира како инжинер по нуклеарна енергија и работи во Швајцарија. овде заврши на Електротехничкиот факултет со оцена 9,85, награден, но немаше никаква понуда за работа, ние моравме сами да финасираме. Отиде во Словенија, таму го препознаа, сега и другиот син ми е во Словенија. Ние сме сами со сопругот дома, јас немам работа, само тој работи. Не сфаќам зошто не можеа да најдат работа, дали тоа беше заради тоа што не сум истомисленик со партиите на власт или што моите синови не се членови на ниедна партија, вели граѓанка

– Имам син што сега се подготвува да замине во Шведска, овде не може да најде вработување, има завршено угостителско училиште, 4 години и сега студира, ги чека документите и ќе замине, вели граѓанин

– Сестра ми и целото нејзино смејство се во Австралија. Таа си замина зашто со нејзиното знаење и диплома не можеше да најде соодветна работа и поквалитетен живот. Таа е доктор по правни науки, вели граѓанка

– Имам четворица внуци, во Италија, во Австрија. Во Струмица, само на една улица, каде што јас живеам имаше 270 жители, за две години, само од една улица, напуштија 80 млади образовани луѓе. Целиот регион на Струмица имаше 120 000 жители, сега има само 80 000. Ние донесовме многу чевли од Струмица, вели граѓанин.

Немаштијата, невработеноста, одземената слобода, стравот, притискот, загадениот воздух, контролираното образование и колапсот на здравството се дел од причините за иселеничкиот егзодус што и се случува на Македонија, а одговорни се оние, кои граѓаните ги плаќаат да ја водат државата – власта.

– Пораката е јасна, ова се чевлите на сите наши блиски што заминаа од Македонија. И покрај дождливото време денеска, тука пред Владата, се собраа неколку стотици граѓани и околу илјада рала чевли, за да го изразиме нашиот револт поради современиот егзодус, масовното иселувањето од Македонија. Тоа го покажуваат и податоците на Светската банка. Досега ништо не е преземно, македонската влада нема ниту бројки колку луѓе се иселиле, вели Инес Ефремова од „Заслужуваме подобро“.

600 000 иселени е официјална бројка на луѓе што ја напуштиле Македонија.

– За споредба, колку е страшна таа бројка, ќе ви каѓам дека на Скопје во почетокот на 90 – тите години имаше 600 илјади жители, сега замислете, 20 години подоцна, Скопје е избришан од мапата на планетата земја, 600 илјади луѓе се избришани и какви последици тоа има за Македонија. Едни луѓе си заминаа, други дојдоа, внатрешноста се испразни. Стануваме држава на тажни пензионери, сега сите имаат блиски и познаваат некој што заминал во странство. Тоа е страшно, страшно е за иднината на земјата, затоа што отидоа многу образовани луѓе, во најдобрите години и најмногу можеа да придонесат за Македонија. Се повеќе ја гледаме таа безизлезност, Македонија е како некоја лоша кафеана во која секој, еден по еден, станува и вели – јас ќе си одам, вели Никола Писарев, активист.

Чевлите кои се во употреблива состојба ќе бидат подарени во хуманитарни цели на организацијата „Легис“, како помош за бегалците. Останатите обувки ќе бидат искористени како дел од уметничко дело на група автори, посветено на на иселувањето.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Маж се самозапали за време на протест

Предраг Петровиќ

Независниот синдикат порачува: Нека се скрати на превоз на пратеници, на апанажи, на службени возила и ќе има пари и за просветните работници

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Протест во Косовска Митровица, општинските работници сакаат да се вратат на работа

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Баковска: Власта да ја повлече одлуката за отпуштање на 700 образовни асистенти за деца со попреченост

(ВИДЕО) Трајковски: Образованието мора да биде приоритет, власта да ги промени погрешните политики

(ВИДЕО) Ангеловска: Наставниците се важен дел од образованието, власта да ги покачи платите