Тајванските власти денеска издадоа наредба за запленување на имотот, вреден 800.000 евра, сопственост на градежната компанија одговорна за изградбата на една станбна зграда, што се урна за време на земјотресот со интензитет од 6,4 степени според Рихтеровата скала, кој го погоди Тајван пред седум дена.
Во земјотресот загинаа 95 лица, од кои 93 ги загубија животите при уривањето на седумнаесеткатната станбена зграда „Вејгуан Јинлонг“ во јужниот град Таинан, чии изведувачи се обвинети за несоодветна изградба.
Тројцата раководители на фирмата беа уапсени уште во вторникот под сомнеж дека при изградбата не биле почитувани безбедносните стандарди.
Обвинителството смета дека комплексот е подигнат без потребната челична конструкција, а фотографиите од остатоците од урнатата зграда покажуваат дека при градбата биле користени лименки и пена.