Припадниците на турската заедница кои живеат во Македонија денеска го искажаа револтот за речникот на Латас пред редакцијата на Телевизија Сител. Тие извикуваа „Излези началниче да видиме кој лаже“, „Ова е телевизија или обложувалница“, „Излези да се извиниш“ и кажаа дека ќе поднесат тужба до Латас.
– Дојдени сме тука како граѓани и како жители на оваа држава за ваков однос на еден ваков наводно новинар кој што нема доблест да излезе овде и да се извини на Турците затоа што утре ќе продолжи за сите нации во нашава држава. Нема да му помине ништо, ние сме граѓаните посилни од било кога. Овој режиран медиум од власта мора еднаш да престане да не навредува и да не дисквалификува на секој начин, вели револтиран граѓанин.
Тие велат дека Советот за етика и Советот за радиодифузија не функционираат подолго време, па затоа граѓаните немаат верба во агенции и некои новинари, како и дека таквите навреди не личат на новинарство.
– Јас сум Турчинка од Македонија, матичната земја ми е Македонија, Латас не знам што е. ме интересира што е, сакам ДНК да направи, да знаеме сите што е, зошто новинар сигурно не е, тоа знам, велат граѓаните. По извинувањата на Латас, тие велат дека тоа е најмалку гаф и велат дека покрај тоа што цела недела се подготвувал за интервју со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на крај рекол „лажеш како Турчин“, со што според нив сакал да каже нешто друго.
– Јас сум роден во Скопје, скопјанец од дедо, прадедо, Турчин сум по националност и се гордеам со тоа. Тој не може ни да почитува друга нација. Синоќешниот испад, ако може така да се нарече на господинот кој што е главен и одговорен уредник на една национална телевизија е навреда на секој граѓанин а посебно на турците во Македонија, вели граѓанин.
Граѓаните велат дека тој може да нападне и да именува поединец, но не и да го поистоветува со цела нација. Според нив, тоа е доказ за неговата култура, како и дека со погрдни зборови не можеме да градиме мостови на пријателства и доверба.
Александар Тодески