Важноста на опстанокот на Шенген зоната

Од:

Враќањето на границите во рамките ЕУ на сите им носи загуби

Глас Славоније – Осијек

Ако земјите на Европската унија го суспендираат Шенгенот на рок од две години и ако земјите на ЕУ воведат контроли на своите граници, за што постои се посериозна закана, стопанството на цела Унија ќе има големи трошоци.

Според ставот на француските експерти, трајното враќање на граничните контроли во Европа би ги чинело земјите во Шенген зоната околу 110 милијарди евра во идните 10 години. За се се виновни војните на Блискиот Исток и бранот на бегалци, а потоа и мигрантите од Европа и Грција која покажа дека едноставно не може да ги исполни своите „шенгенски обврски‟.

– Грција сериозно ги занемари своите обврски во управувањето со надворешната граница на шенгенскиот простор. Ако не се преземат потребните мерки и да се исправат неправилностите, постои можност на останатите земји-членки да им се дозволи привремено да ги затворат своите граници, изјави минатата недела потпретседателот на Европската комисија Валдис Домбровскис.

Контроли до две години

Имено, Европската комисија минатата недела го прифати нацрт извештајот за шенгенската евалуација за Грција. Нацртот се праќа во Комсијата за оценка на Шенгенот, која ќе даде свое мислење.

Ако извештајот биде прифатен, земјите-членки на Шенген зоната ќе имаат на располагање можност за воведување на контрола на внатрешните граници во рок до две години, откако во април ќе истече краткорочната суспензија на шенгенските прописи. Треба да се потсети дека шест земји имаат воведено привремена гранична контрола.

Министрите за внатрешни работи на ЕУ побараа од Европската комисија да подготви правна и политичка подлога за можност за воспоставување на гранични контроли во шенгенскиот простор и до две години, за разлика од вообичаените шест месеци. Се повикаа дури на член 26 од Законот за шенгенските граници, кој дозволува воведување на контрола на границите на земјите до две години во случај на сериозни недостатоци и проблеми на надворешните граници.

Но, пред активирањето на членот 26, земјите со проблематична надворешна граница, т.е. Грција, ќе имаат три месеци за спроведување на препораките кои ќе и ги даде Комисијата.

Стопански пад

Привремените гранични контроли веќе предизвикуваат проблеми. Пример е апелот на синдикатот на германските полицајци кој предупредува дека германската полиција се наоѓа на работ на силите поради зголемениот опсег на работа со контрола на границата кон Австрија, но и поради обезбедување на сместувањето на бегалците.

Може да се замисли што би значело во идните две години задржувањето од таквите контроли. Како што пренесе „Нови лист“, претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер пред две недели зборувајќи за можност за пропаѓање на Шенген зоната рече дека постои тесна врска меѓу Шенгенот и заедничкиот внатрешен пазар на ЕУ и дека крај на шенгенскиот простор би значело исто и за пазарот.

Тој изјави дека и падот на Шенгенот би значело пад на стопанството и раст на невработеноста, а дополнителниот економски трошок би било повторно поставување на граници во ЕУ, според проценка на Комисијата, тоа би чинело три милијарди евра годишно.

Иако Хрватска не е членка на Шенген зоната, и тоа како би ги почувствувала сите последици од можното рушење на просторот без граници, посебно хрватското стопанство. Превозникот на патници „Чазматранс“, значаен дел од приходите ги остварува на патиштата на земјите на Европската унија. Редовни автобуски линии таа компанија има кон Унгарија, Италија, Австрија и Германија.

Комерцијалниот директор на „Чазматранс“ Берислав Сараја вели дека повторното воведување на гранична контрола меѓу земјите на ЕУ, поради кои автобусите со патници би се задржувале на секоја граница, значајно би влијаело на трошоците на превозот.

– Миграциите на луѓето на подрачјата каде ние патуваме се големи. Тука не мислам на бегалците кои доаѓаат од Блискиот исток. За сега немаме посебно проблеми, иако имавме проблеми со патници кои се затекнати во нашите автобуси кои не можеа да ја поминат границата. Во такви случаи би било добро дури и да се променат законските акти и да се воведе преглед на документите за патниците во автобусите во меѓународниот превоз на последната лента на автопатот во земјата. Ако се воведат гранични контроли, не само што тоа ќе влијае на трошоците поради застанување на границите, туку постои загриженост дека поради сето тоа ќе се намали бројот на патниците. А намалување на бројот на патниците за нас значи губење на приходите. Значи, повторното враќање на границите може да биде проблем со далекусежни последици, вели за нашиот весник Сараја.

Би можело да ве интересира

Влезот во ЕУ ќе се наплаќа 7 евра: Нови правила и крај на слободниот премин

Словенија го суспендира Шенгенот и ја враќа граничната контрола со Хрватска поради војната во Газа

А1он

Полски дипломати продавале Шенген визи во Африка, Азија и Блискиот Исток

Хрватска го воведе еврото и влезе во Шенген

Фон дер Лајен: Влезот во Шенген и еврозоната е пресвртница на европскиот пат на Хрватска

А1он

Радев разочаран од одлуките на ЕУ: Критериумите за Шенген ги исполнивме уште во 2011 година

А1он