Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајмајер денеска изјави дека бегалската криза во Европа може да се реши со подобра контрола на надворешните граници со помош на Грција и Турција, но и со прекин на конфликтот во Сирија.
На прес-конференцијата по средбата со неговиот хрватски колега Миро Ковач во Берлин, дирекно прашан за предлозите за поместување на надворешната граница на Унијата од Грција кон север, Штајнмајер рече дека неговите колеги од ЕУ едно говорат на состаноци, додека во интервјуа зборуваат за некакво затворање на границите, што според него, тешко може ќе се случи.
Тој, како што јави дописникот на МИА од Берлин, не ја спомена Македонија во контекст на засилување на контролата на границите на ЕУ, но нагласи дека Хрватска нема да биде место каде ќе бидат запирани и регистрирани бегалците.
Австрискиот министер за одбрана Ханс-Петер Доскоцил во интервју за виенскиот весник „Стандард“ изјави дека Австрија се залага за воспоставување воено-цивилна мисија за заштита на границите на Македонија и Србија и за формирње центри за регистрација на бегалците во овие две земји, бидејќи Грција не е во состојба да ја обезбеди надворешната граница на ЕУ.
Доскоцил рече дека не смее да се дозволи десетици илјади бегалци да останат „заглавени“ во Македонија и Србија и дека и во овие две земји треба да се отворат центри за регистрација на бегалци по примерот на Грција, со цел подобро да се „совладаат“ масата луѓе што доаѓаат.