Работодавачите ги прават финалните пресметки. Од 1 ви јануари стапи на сила законското зголемување на минималната плата за 490 денари или на ниво од 10 080 денари. Во текстилната и кожарската индустрија минималната плата се зголеми на 9 000 денари. И со ова зголемување, македонскиот минималец во однос на европскиот просек е понизок за 12 пати. Од друга страна, последните податоци на Заводот за статистика покажуваат дека во ноември во однос на октомври просечната нето плата на ниво на државата се намалила за 1,1 отсто. Каде се зголемиле, а каде се намалиле платите.
Најниските плати се намалуваат, највисоките растат
На месечно ниво, се намалува просечната нето-плата. Последните податоци покажуваат дека во ноември просекот на исплатената нето плата изнесувал 357 евра што е за скоро 4 евра или 1,1% помалку во однос на платата исплатена во октомври. На месечно ниво, пад на платите е регистриран и во секторот и индустрија и во секоторот на услуги.
Анализата на податоците што ја направи “Поратлб“ покажува дека во ноември платите се намалиле во секторите:
земјоделство за 1,5%, прехранбена индустрија пад на платите од 0,8%, градежништво за 2,6%, снабдување со електрична енергија 0,8%, потоа намалување има и во секторот рударство од 7%, трговијата за 2% и во транспортот пад на нето месечната плата за 1,5% во однос на октомври. Од друга страна зголемување на платите е регистрирано во информатичкиот сектор за 1,2%, финансиските дејности раст од 4%, стручните и научните дејности пораст на нето платата од 2% а во образованието за 0,4%.
Во однос на висината на месечните примања, најплатени се вработените во финасиските дејности, информатичарите, стручните и научните дејности.
Еве во кои сектори колку изнесува просечната месечна плата: земјоделство 16 058 денари, рударство 16 783 денари, градежништво 19 737 денари, трговија на големо 19 705 денари, транспорт 22 356 денари, информатика 35 924 денари, финасиски дејности 41 407 а во стручните и научните дејности месечниот просек е 28 035 денари. Во образованието во ноември месечната плата изнесувала 22 304 а во јавната управа 26 368 денари. Ако овие плати се споредат во однос на просекот во октомври, оние што се меѓу најниските се намалуваат, додека кај повисоките е регистриран пораст.
Додека државната статистика на месечно ниво бележи пад на месечната просечна плата, а на годиншно ниво пак раст, приватниот сектор блегува во нови пресметки. Од почетокот на годинава се зголеми минималната плата на 10 080 денари или за 490 денари повеќе во однос на минималецот што се исплаќаше во 2015 година. Текстиланата и кожарската индустрија и натаму заостануваат во однос на висината на минималната плата. Имено, во овое сектори минималецот се зголеми на 9000 денари а изедначувањето на државно ниво треба да се случи во 2017 година.
И со ова зголемување на минималната плата, земјава во однос на дел од земјите од регионот и на европските економии значајно заостанува. Според европската статистика, Косово има најниска минимална плата од земјите од Западен Балкан од 130 евра а минималецот во Албанија изнесува околу 150 евра. Подбри од нас се Црна Гора со 193 евра и Босна и Херцеговина со 191 евро, додека минималната плата во Србија изнесува 174 евра.
Македонија беше една од последните земји во регионот и во Европа која со закон ја утврди висината на минималната плата, која треба да го штити стандардот на работниците, но и нивните права.
Не само во однос на минималната плата, Македонија е во групата на земји и најниска просечна плата. Анализата на официјалните податоци до кои дојде “Порталб‘ покажува дека земјава во однос на дел од регионалните економии заостанува и според овој параметар.
Просечна нето- плата:
Македонија 357 евра
Србија 421 евро
Црна Гора 477 евра
Хрватска 770 евра
Под државниот просек се и платите што се исплаќаат во фабриките на странските инвеститори. Неодамна од Советот за странски инвеститори објавија дека просечната плата во слободните економски зони изнесува 262 евра и дека таа била блиску до просекот што го исплаќале домашните компании во индустријата.
“Отстапувањето во платите е минимално. Исплатата на бруто-платата во технолошките зони не отстапува од бруто-платата низ цела територија и таа е сразмерна со работните позиции и задачи на вработените. Раководните лица и средниот менаџмент на компаниите се подобро платени. Странските компании целосно ги исплаќаат придонесите за социјално и за пензиско осигурување Работниците се исплаќаат согласно законски гарантираната минимална плата – изјави Влатко Стојановски од Советот на странски инвестиции при Стопанска комора.
Инаку, платите во странските комапнии кои работат во слободните економски зони се субвенционирани по различни основни, односно освен даночни ослободувања за платите, инвеститорите добиваат и државна помош за обука и квалификација на вработените. Најновите податоци од Синдикалната кошница покажуваат дека во ноември, за да се преживее едно семејство му биле потребни 32 279 денари или 525 евра и ако потребите се споредат во државниот просек на платите, под претпоставка дека едно семјство живее со една просечна месечна плата, тогаш во буџетот му недостасуваат 168 евра за да може да ги подмири вкупните трошоци и потреби.
Анализа на Порталб