Во 2010 година Лагард на грчкиот министер за финансии Јоргос Папаконстантину му го предаде списокот со имињата на луѓе со сметки во странство
Грчкиот новинар Костас Ваксеванис, кој беше суден и потоа ослободен од обвинение, затоа што го објави списокот со имиња на Грци со сметки во швајцарска банка, во своја статија во британскиот весник „Гардиан“ ги објаснува причините поради кои ги отпечатил имињата од таканаречениот список Лагард во неговото списание „Хот дог“.
Статијата е препечатана на грчкиот сајт „Пандорината кутија”.
„Колку повеќе закони има една земја, таа е толку покорумпирана, има изјавено римјанинот Тацит. Грција има доста закони.Толку многу што корупцијата се чувствува безбедна. Една затворена властелинска група врши беззаконие, а потоа гласа закони за да го озакони беззаконието, се самоамнистира и потоа нема медиуми што ќе откријат што навистина се случува“, се посочува во статијата.
Во написот се истакнува дека додека едно независно списание, како неговото „Хот дог“, ги преживуваше овие перипетии со судот, а кои патем го обиколија светот, дотогаш грчките медиуми не напишаа ниту збор, туку на местата на кои требаше да се објавуват откритијата од аферата беа ставани платени реклами од оние, што ги уништија грчките банки.
„Списокот Лагард“ не е ништо друго освен еден израз на сето тоа.
Во 2010 година Лагард на грчкиот министер за финансии Јоргос Папаконстантину му го предаде списокот со имињата на луѓе со сметки во странство. Некои од нив со влогови од перење пари. Списокот се загуби. Дури не беше ни предмет на истрага. Грчкиот министер му го предал на наследникот на функцијата, Евангелос Венизелос, а тој го загубил, како тоа да бил пиратски компакт диск со музика, купен од уличен продавач, пишува новинарот.
Во следните две години политичкиот живот во Грција беше затруен со имиња на луѓе, за кои се претпоставува дека имаат влогови во Швајцарија. Политички и економски уценувачи се враќаат во темните одаи на една корумпирана власт. Во таква ситуација „Хот дог“ објави 2.059 имиња, без да ги соопшти нивните влогови или лични податоци, забележува уште Костас Ваксеванис.
И тогаш власта го покажа своето најлицемерно его. Обвинителството се подготви за апсење на авторот на текстот. Операцијата беше преземена од државната безбедност. Законот за лични податоци беше обвинителниот акт. Во суштина немаше лични податоци. Едноставно факта дека некои луѓе имаат сметки во банка. Немаше ниту тврдења за вината на овие луѓе. Едноставно повик за да се спроведе истрага, објаснува Ваксеванис.
Само неколку дена пред тоа, најтиражниот весник во Грција ги објави имињата на Грчките артисти, заедно со нивните даночни пријави. Обвинителството не презеде ништо. Дури не се ни подготви да се поведе кривична истрага.
Во митовите на древна Грција правдата се претставува како слепа. Во современа Грција, таа едноставно ги затвора очите.
Истражувањето на списокот Лагард е апокалиптично. Издавачи, бизнисмени, бродосопственици, целиот систем на власта е прозван дека изнесувал пари во странство. А тоа се податоци само од една банка. Во исто време луѓето во Грција копаат по контејнери за да најдат нешто за јадење, пишува уште грчкиот новинар во британски „Гардиан“.