Првиот човек на „ФИАТ“, Серџо Маркионе, го претстави ревидираниот план на производство на „Алфа Ромео“ до 2020 година со кој се открива дека премиерите на некои претходно најавени модели уште еднаш ќе бидат пролонгирани.
За фановите на овој италијански бренд и сите оние кои подетално ја следат автоиндустријата најновото одложување не е никакво изненедување со оглед на фактот дека тоа стана пракса на компанијата во последните десетина години. Последен пат до промена на плановите дојде во 2014 година кога Маркионе најави дека до 2018 година ќе ја претстави комплетно новата палета од седум модели, плус лимузината „Алфа Ромео Џулиа“.
Со најновата измена лансирањето на „Џулиа“, чија најсилна „QV“ верзија својата премиера ја имаше ланското лето, сега е потврдено за март 2016 година, кога ќе почне сериското производство на овој модел.
Според новиот план, СУВ-от од средна големина ќе се појави до крајот на 2017 година, а преостанатите шест најавлени „Алфи“ (хечбек, ривалот на „БМВ Серија 5“, двата кросовера ( СУВ возила) и двата модела, што се уште се тајна, ќе бидат распоредени во интервалот од 2017 до 2020 година.
За новото одложување „виновни“ се случувањата на кинескиот пазар на автомобили што во 2015 година регистрира забавување на растот и потреба да се „обезбеди соодветна глобална дистрибутивна мрежа“, за „Алфа“ да може да се им спротивстави на премиум производителите, како што е „БМВ“.