Koj и како ќе го пресече Гордиевиот јазел и ќе ги прекине игрите околу Законот за бранители.
Во петокот топката беше префрлена во Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, за да одлучи дали може да се ограничат дискусиите за Законот, за да се излезе од ќорсокакот со молчењето или маратонското дебатирање на пратениците од ДУИ и сега со нивните 15.451 амандмани. Предлогот за ограничена дебата дојде од таборот на ВМРО-ДПМНЕ.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ се огласи денеска со ставот, дека Комисијата за труд и социјална политика не треба да ја префрла својата работа и одговорноста за своето работење на друго собраниско тело, бидејќи, според Силвана Бонева, многу јасно е кажано во Деловникот за работа на Собранието дека секое собраниско тело може да донесе свој деловник за работа и да го уреди функционирањето на работата на Комисијата.
„ Предлозите не беа ставени на гласање и од тие причини сметаме дека Комисијата за труд и социјална политика треба да ја заврши својата работа“, рече координаторката на ВМРО-ДПМНЕ.
Укажа дека предлогот за утврдување на правила бил во насока на ефикасно работење на Комисијата .
Бонева смета дека бидејќи не е ништо превземено од претседателката Иванова, односно таа не ги стави на гласање предлозите што беа дадени, Комисијата за деловничко и мандатно имнутетни прашања нема никаков основ да заседава.
Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика, Цветанка Иванова , рече дека се додека е претседател на Комисијата нема да дозволи ова собраниско тело да биде вовлечено „во игрите и препукувањата“ помеѓу коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Иванова појасни дека за сите прашања коишто ќе бидат отворени на оваа тема исклучиво ќе треба да се бара одговор од претседателот на Собранието и од Комисијата.
Цветанка Иванова ги отфрли твдењата дека е прекршен Деловникот на Собранието и дека таа нарушила процедура затоа што барањата што беа доставени до Комисијата од предлагачот Веле Георгиевски се тема или отворено прашање за што став треба да даде претседателот или Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања.
„Доколку постапев спротивно тогаш ќе беше кршење на Деловникот. Доколку Комисијата гласа тогаш таа сама донесува став, а доколку за овие прашања има дилема затоа треба претходно да не го прекршиме Деловникот треба да се изјаснат тие, рече Иванова.
Комисијата за труд и социјална политика, на чиј дневен ред е Предлог-законот за бранителите, ќе продолжи, рече, кога ќе биде известена од претседателот на Собранието или од Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања за барањето на ДУИ.
„ Бонева може да смета како сака. Немаше смисла да се гласа за предлогот на Ѓеоргиевски затоа што токму мислењето на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања треба да помогне пред да гласаме. Кога претседателот Вељаноски или Комисијата ќе ме известат што одлучиле тогаш јас ќе закажам продолжение на Комисијата за труд и социјална работа“, рече Иванова.