Ирскиот премиер Една Кени денеска изјави дека сака Велика Британија да остане централна членка на ЕУ, пренесоа светските агенции.
Кени изјавата ја даде по средбата со британскиот премиер Дејвид Камерон.
-Сакам Велика Британија да остане централна членка на ЕУ. Од ирска гледна точка тоа е едно суштествено прашање, изјави тој.
Според него, по четирите барања за реформи, формулирани од британскиот премиер Дејвид Камерон до Брисел, се уште има тешкотии во однос на едно или две прашања.
-Но, мислам дека овие четири прашања можат да бидат надминати во интерес на сите во ЕУ. Тие можат да бидат надминати во една многу позитивна насока, рече Кени, чија земја е загрижена за билатералната трговска размена со Велика Британија во случај на нејзин излез од ЕУ, која секоја недела изнесува околу милијарда евра.
Кени изрази надеж дека на средбата на врвот на ЕУ во февруари Лондон и Брисел ќе псотигнат спогодба за четирите британски барања за реформи. Тој, меѓутоа, додаде дека, сепак, не може да зборува од името на сите земји што се околу преговарачката маса.
Камерон, од своја страна, повтори дека е можно уште во февруари да се постигне спогодбата со ЕУ, но додаде дека во спротивен случај нема да брза затоа што крајниот рок што си го зададе е крајот на 2017 година, за кога планира да организира референдум за британско членство во ЕУ.
– Доколку на масата за преговори има една добра спогодба ќе ја искористам и на Британците ќе им објаснам зошто треба да одберат да останат во ЕУ. Но, треба навистина да станува збор за добра спогодба, рече Камерон.