Израелската служба за внатрешна безбедност „Шин Бет“ соопшти дека осуетила заговор, организиран од синот на лидерот на либанската екстремистичка група Хезболах, за регрутирање на Палестинци за напади врз Израел.
Според израелското разузнавање, Џавад Насрала, син на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, преку интернет се поврзал со еден Палестинец, кој му помагал во регрутирањето. Друг, пак, припадник на либанското шиитско движење им давал инструкции на членовите на групата како да користат експлозиви, да обучуваат бомбаши-самоубијци, да собираат разузнавачки информации за безбедносните сили и да купуваат оружје.
Извори тврдат дека израелски воен суд подигнал обвинение против петмина Палестинци од градот Тулкаре, на Западниот брег, кои планирале напади врз израелски сили со поддршка на Хезболах.
Началникот на Генералштабот на израелската војска, Гади Ајзенкот вчера изјави дека Хезболах претставува најголема закана за Израел, дури поголема и од Иран.