“Кога пред 4 години Барак Обама говореше во предизборната кампања, тоа беа ветувања за еден подобар свет, а тој се претстави како исцелител кој ќе ја излечи планетата и ќе стави крај на војните”, пишува весникот “Билд”.
Во првиот мандат, меѓутоа, американскиот претседател се покажа како сосема друг човек. “Ладен, недоречен, тежок”, коментира весникот. “Кој е вистинскиот Барак Обама?” прашува весникот, нудејќи им ги на читателите своите седум помалку познати факти за американскиот шеф.
-Обама потпиша најмногу смртни казни од било кој друг американски претседател пред него. 283 летови на беспилотните авиони за напади врз поединци, побарани од ЦИА, се потпишани лично од него.
“Наместо да праќа затвореници во Гвантанамо, дозволуваше терористите да бидат убивани од воздухот”, коментира “Билд”. Околу 1 500 лица биле цел на ракетни напади, главно во Пакистан, но и двајца американски државјани при напад на цел во Јемен.
-Сака да се повлече во библиотеката и да чита, особено пред носењето на некоја тешка одлука. Меѓу неговите омилени книги се и “Моби Дик”, и “Војна на духови” за подемот на “Ал Каеда” и Осама бин Ладен.
– Не се доверува на Бил Клинтон, иако двајцата често се прегрнуваат на политичката сцена. Самиот Клинтон неколку пати изјави дека себи се оценува како подобар претседател од Обама.
– Неговата омилена ТВ серија е “Homeland”, во кој депресивен агент на ЦИА гони американски елитен борец, кој е ангажиран од “Ал Каеда” да го разнесе Вашингтон.
– И до денес е резервиран кон Ангела Меркел. Ова се должи на фактот дека германската канцеларка се противи на воведувањето на евробоновите. Според Обама, тие би ја заживеале европската и американската економија, а со тоа ќе му помогнеа и во предизоборната кампања. Затоа новинарите блиски до него често пишуваат остри статии за неа.
– Агресивен е кога игра кошарка.
– Познат е како арогантен кон подредените. “Ако некој мисли дека може да го реши проблемот на поинаков начин од мојот начин, воопшто да не помислува да ми дава предлог“, рекол еднаш. “Јас сум подобар пишувач на говори и од тие на кои им е работа истото. Знам повеќе за политиката од моите соработници”, изјавил пред извесно време Барак Обама.