(ВИДЕО) Жерновски: Ново училиште во „Капиштец“ и „Центар – Зелена општина“ – приоритети на општината за 2016-та

Од:

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и директорот на ЈП “ПОЦ“, Саша Богдановиќ, денеска на прес-конференција дадоа отчет за сработеното во 2015-та и говореа за фокусот и приоритетите во 2016-та година.

Минатата година, оцени градоначалникот Жерновски, беше успешна и исполнета. Јасните приоритети се доследно реализирани.

„Се погриживме да создадеме подобри услови за младите и децата, кои се симбол на нашата иднина. Реконструирани се првиот и вториот блок на градинката ’13-ти Ноември’, која сега е современ, енергетски ефикасен објект, изграден од најквалитетни еколошки материјали. Капитална инвестиција е изградбата на детската градинка ‘Кочо Рацин’, која е еден од најсовремените објекти во регионот. За најмладите да уживаат во безгрижно детство, изградивме две детски игралишта на Кале и Градски Ѕид. Општина Центар го доделува највисокиот надомест за новороденчиња во Р. Македонија, во износ од 7000 денари“, рече Жерновски.

Градоначалникот посочи дека е организирана и “Лига Центар“, која овозможи доделување на стипендии на 8-те најдобри спортисти, парична помош за спортските клубови и успешните спортисти и двете нови реконструирани игралишта во населбата ‘Пролет’ и Паркот на Франкофонијата.

Реконструирани се 11 улици, по 15 години просторот кај ‘Билна Аптека’ доби комплетно нов лик, на ‘Јоаким Крчовски’ изградена е нова пјацета. Како ветено, а сработено, Жерновски ги наброја читалнта ‘Ацо Шопов’, Канцеларијата за млади, Сервисот за грижа на стари лица ‘Нега +’, проектот ‘Цел Центар на Точак’.

Еден од приоритетите беше и останува садење на зеленилото на територија на општина Центар, направени се три нови паркови, засадени 300 нови дрвја, 7000 грмушки и 3000 цветни расади. Две згради добија енергетско-ефикасни фасади, а значаен проект е и ‘Зона 30’, т.е. ограничување на брзината на движење во ‘Дебар Маало’ на 30 км/ч.

50-те средби со граѓаните ја покажуваат транспарентноста на општината, бројката од 900 решенија за легализација ја покажува посветеноста на општинското раководство за решавање на ова значајно прашање за граѓаните. На крајот на годината, по трет пат, општина Центар ја организираше најуспешната и најатрактивна програма за најлудата ноќ, ‘Град во Градот’.

Образованието и грижата за најмладите остануваат приоритет за општина Центар и за 2016-та година. Ќе се реновираат постоечките училишта, по расчистувањето, ќе започне и изградбата на новото основно училиште во населбата ‘Капиштец’, семејниот буџет ќе биде растеретен од средствата за еднодневна екскурзија и за обезбедување на објектите во основните училишта, како и за часовите по англиски јазик и физичко воспитување во градинките.

Во 2016-та година ќе се доградат училници во основното училиште ‘Гоце Делчев’ и ќе биде поставена нова фасадна столарија во ООУ ‘Димитар Миладинов’. Во 2016-та општина Центар продолжува со изградба на тротоари, коловози, пешачки и велосипедски патеки. Ќе се реконструира атмосферската, фекалната и водоводната мрежа. Наскоро почнува вториот дел од ‘Боемска улица’, од ‘Идадија’ до ООУ ‘Коле Неделковски’, а фокусот на реконструкција на улиците ќе  биде во три населби: Маџир Маало, Долно Водно и Тасино Чешмиче.

Општина Центар, рече градоначалникот Жерновски, ќе го заслужи епитетот “Центар – зелена општина“, со уредување на еко-катчиња, уредување на зеленилото кај ‘Зелен Пазар’ и кај ‘Француски Културен Центар’, меѓу зградите на улицата ‘Рузвелтова’ и на улицата ‘Питу Гули’, во близина на Полската Амбасада.

Четири згради во 2016-та ќе добијат нови фасади, а во рамките на проектот ‘Цел Центар на Точак’, 1000 граѓани ќе добијат субвенции за нов велосипед а општина Центар ќе набави специјални возила и машини за машинско чистење на улиците .

Би можело да ве интересира

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Утре во Скопје ќе има протест и марш, МВР со посебен сообраќаен режим

Горан Наумовски

Општина Центар затвори нелегално градилиште на булеварот „Никола Карев“

„Шанса за Центар“ предупредува: Повторно со техничка исправка на план ќе се гласаат два ката плус спроти стара Градска болница

Маја Илиевска-Пачемска

Комисија од Центар ги запишува покривите што летаа во невремето и поплавените простории