Полското Министерство за надворешни работи обвини дека некои „германски политичари“ изнесуваат „антиполски коментари“.
Во соопштението не се споменува за кои политичари станува збор, но германскиот амбасадор во Варшава беше повикан во Министерството за да му биде изразено нездоволството од изнесените коментари.
Претседателот на Европскиот Парламент Мартин Шулц, како и еврокомесарот Гинтер Етингер, кои се Германци, остро ги критикуваа некои од првите потези на новата полска Влада, која е составена само од министрите на конзервативната католичка партија Право и правда (ПиС), која уверливо победи на последните парламентарни избори.
Владата на почетокот, воспостави контрола врз работата на Уставниот суд, а потоа и врз работата на полското државно радио и телевизија, создавајќи државен совет за медиуми избран од неа.
Ваквите решенија на новата конзервативна Влада предизвика масовни протести во Варшава и во внатрешноста на земјата, но и остри критики од Брисел.
Шулц ја обвини владата во Варшава за ставање на партиските интереси над државните.
– Станува збор за опасна путинизација во европската политика, рече Шулц во интервју за германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ реагирајќи на потезите на полската Влада и правејќи алузии на начинот на кој се управува во Русија.
Претходно, еврокомесарот Етингер се закани дека Европската комисија би можела да и воведе санкции на Полска со одземање на правото да гласа, доколку остане во сила законот за медиумите.
Некои полски министри реагираа на критиките со коментари дека Германија „не може да ја подучува Полска за демократија и слободи“, алудирајќи на германското нацистичко минато од пред повеќе од 70 години.
Варшава и Берлин имаа мошне блиски односи во изминатите осум години со претходната десноцентристичка полска влада. Сегашната конзервативна влада е многу поскептична кон Германија и настојува често да потсетува на минатото.